Connect with us

Кошарка

Селекторот Тодоров ги одреди патниците за Талин – „Тука сме со една цел – да победуваме за Македонија“

Тодоров ги избра 12. играчи со кои ќе настапи во „меурот“ во Талин, Естонија во квалификациите за ЕП. Леонид Тодоровски ќе дебитира за сениорската репрезентација на Македонија откако центарот на МЗТ Скопје 2 доби шанса од селекторот Тодоров во ситуација кога отсутни се Крстевски и Николовски.

„Пред сè, му се заблагодарувам на селекторот што ми даде една ваква шанса, да бидам тука, во ова друштво и да настапувам во сениорската репрезентација. За мене исклучително важен момент во кариерата“ –  вели Тодоровски, непосредно пред заминувањето за Талин.

Од натурализираните Македонци, во Талин на натпреварите против Италија и Естонија, селекторот ќе смета на Џејкоб Вајли, а за сениорскиот тим ќе дебитираат младите играчи на МЗТ Скопје, Лука Савичевиќ и Леонид Тодоровски, додека во репрезентацијата се враќа Бојан Трајковски.

Тодоровски не би требало да има некој проблем со репрезентативната „адаптација“, иако со колегите од националниот тим одржа само четири тренинзи.

„Иако зад нас се само неколку тренинзи во Скопје, се познавам добро со моите репрезентативни соиграчи. Со дел од нив сум играл и во иста екипа, со другите како противници. Полека се навикнуваме на барањата кои со себе ги носи играњето на едно вакво репрезентативно ниво. Сите сме тука со една цел – да победуваме. Така ќе биде и во Талин, се надевам“ – додава еден од дебитантите во овој избор на Тодоров за „балонот“ во главниот град на Естонија.

Нашиот млад репрезентативец ќе ја чека својата шанса за деби во сениорската селекција. Има две можности за тоа. Првата е на 28. ноември, во дуелот со репрезентацијата на Италија, а два дена подоцна и против домаќинот на турнирот, Естонија.