Фудбал
„Сентанарио“, иконата на светскиот фудбал, наполни 90 години
Стадионот „Сентанарио“ во Монтевидео, Уругвај, главното место на инаугуративното Светско првенство (СП) во фудбал, наполни 90 години (отворен е на 18 јули 1930 година). Легендата вели дека кога крилниот напаѓач на Уругвај, Педро Сеа, на 18 јули 1930 година пристигнал на „Сентанарио“ на почетниот натпревар на неговата репрезентација против селекцијата на Перу едвај можел да им верува на очите.
– Момци, ние едноставно мора да победиме на овој турнир, без разлика на сѐ. Во најмала рака, нашите сонародници заслужуваат да го освоиме пехарот поради сите напори што ги вложија во градењето на ова чудо – им рекол двојниот олимписки шампион во фудбал на своите соиграчи од репрезентацијата.
Дванаесет дена подоцна, Уругвајците го кренаа трофејот на Жил Риме, спортски подвиг со кој се гордее земјата. Стадионот оттогаш стана икона на уругвајскиот и на светскиот фудбал.
Во 1983 година, Светската фудбалска федерација (ФИФА) го прогласи за историски споменик на светскиот фудбал, чест што оттогаш никој друг не ја добил.
Дизајнот на стадионот во форма на длабок сад, чинија, е на уругвајскиот архитект Хуан Сакасо, со четири посебни трибини, различно од тогаш типичните четириаголни англиски стадиони во тоа време.
Камен-темелникот бил поставен на 21 јули 1929 година, два месеца откако Уругвај ја доби организацијата на Мундијалот. За да се заштедат време и пари, една од трибините се потпирала врз падината, а теренот бил под нивото на улицата.
Работата на бетонската структура почнала на 1 февруари 1930 година, пет месеци пред да почетокот на турнирот, со вкупно 1.100 работници кои работеле во три смени дневно за да се испочитува крајниот рок, 13 јули. Но обилниот дожд ги спречил во тоа, така што шест од 18-те натпревари на турнирот на тоа СП морале да се одиграат на два други стадиона.
Нова Македонија