Фудбал
Серхио Рамос сакаше да ја заврши кариерата во Севиља, но нивниот одговор беше изненадувачки!
Легендарниот стопер Серхио Рамос (37) по заминувањето од ПСЖ се уште е без клуб, а кариерата нема да ја продолжи онаму каде што сакаше.
Рамос сакаше да се врати во Севиља, клубот во кој ја започна кариерата, но таму не сакаат ни да слушнат за него. Тој пристигна во Севиља како десетгодишник од родниот Камас, предградие на андалузискиот град, а за првиот тим дебитираше во сезоната 2004/2005, по што веднаш се пресели во Реал Мадрид, каде што остана до 2021 година и стана еден од најдобрите стопери во историјата.
Рамос изминатите две сезони го носеше дресот на ПСЖ, а јавно изрази желба да ја заврши кариерата таму каде што ја започна, но доби одбивање од актуелниот освојувач на Европската лига.
„Серхио Рамос е величенствен фудбалер и доаѓа од нашата фудбалска школа. Но тој во моментов не е опција за Севиља, нема ништо меѓу нас и него“, изјави потпретседателката на Севиља, Марија дел Нидо Караско.
Рамос сега има две опции – да замине во Саудиска Арабија или да ја прифати понудата на Интер Мајами и повторно да заигра со Лионел Меси, со кого ја делеше соблекувалната на ПСЖ.