Фудбал
Шпанските фудбалски клубови откажуваат спонзорски договори со обложувалници?
Шпанската влада, преку писмо испратено до тамошните фудбалски клубови, ги советува да ги откажат спонзорските договори со обложувалници до крајот на оваа сезона, бидејќи се очекува да биде донесен нов закон поврзан со рекламирање на игрите на среќа.
Во писмото се наведува дека рекламирањето на обложувалници ќе биде забрането кога новата одредба што е веќе одобрена на владина седница ќе биде изгласана во парламентот и со тоа ќе стане закон. Преодниот рок за спроведување на новиот закон ќе трае до мај следната година.
Забраната за рекламирање на игрите на среќа треба да придонесе за ограничување на обложувалниците што носат сериозни здравствени и социјални опасности, особено кај младите. Се проценува дека статусот на врвни спортисти како пример за младите во последните четири години ја зголеми фреквенцијата на обложувалници помеѓу 18 и 25 години од 29 на 40 проценти, а износот на парите што младите ги трошат на обложувалниците во истиот период е зголемен за 13 проценти. Сегашните 20 шпански фудбалски прволигаши, вклучувајќи ги Севилја и Валенсија, имаат обложувалници како спонзори. Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас се спротивстави на владината одлука, велејќи дека клубовите, кои веќе се соочуваат со финансиски загуби предизвикани од пандемијата на коронавирусот, ќе изгубат 90 милиони евра поради тоа и повика на тригодишен преоден рок за да се овозможи време да се прилагодат.