Фудбал
Шпанците спремни натпреварите во Ла Лига да ги играат на секои 48 часа
УЕФА денес одлучи дека приоритет ќе биде да се завршат националните првенства и потоа да се играат натпреварите од Лигата на шампионите и Лига Европа.
УЕФА денес одржа нова средба за настанатата ситуација поради пандемијата на коронавирус. Првенствата беа прекинати пред неколку недели и целта е да се продолжат натпреварите во мај пред празните трибини сè додека не се реши ситуацијата со пандемијата.
Јасно е дека националните првенства имаат предност и се очекува лигите да се играат до крајот на шестиот месец. Клубовите најверојатно ќе ги играат европските натпреварувања во јули и август, а сè уште не е познато како ќе се одрази тоа на новата сезона.
Мадридски „АС“ објави дека челниците на Ла Лига имаат интересен предлог. Тие посочија дека натпреварите во Шпанското првенство може да се играат на секои 48 часа ако има потреба.
Сепак, Меѓународната унија на професионални фудбалери (ФИФПРО) јасно стави до знаење дека тоа не е можно и дека растојанието помеѓу натпреварите мора да биде најмалку 72 часа со цел играчите да ги издржат сите овие напори.