Connect with us

Други спортови

Што сè им треба на одбојкарите за чудо – да играат на Европско првенство!

Македонската одбојкарска репрезентација утревечер во СРЦ „Кале“ (20.15 часот) ќе ја пречека Унгарија во последниот квалификациски меч во битката за место на континенталниот собир, но овојпат црвено-жолтите не зависат сами од себе и треба да се случи чудо за одбојкарите да направат историски успех.
Триумфот на Швајцарија во Унгарија и нашиот пораз во Украина ја искомпликува тотално ситуацијата за пласман на ЕП како една од петте најдобри втори селекции во групата, па сега на Македонија ѝ треба сигурна победа во три сета против Унгарците, но и две победи од другите групи. Ќе треба Летонија да го изненади Израел во Јелгава, а Шведска да биде подобра од Азербејџан во Стокхолм, за Македонија да обезбеди виза за ЕП.

Летонија нема бод досега, за разлика од Шведска која има пет, но во двата меча овие две селекции од кои зависи Македонија мора да завршат во наша корист. Сооглед дека и двата дуели стартуваат порано (Шведска игра од 17 часот, а Летонија од 18.30), Македонија може да дознае дали има шанса со максимална победа да оди на ЕП или настапот на континенталниот собир ќе остане само сон.

„Атмосферата е на пониско ниво, меѓутоа тоа може да биде и предност за нас. Со позитивна мисла можеме да направиме подобра игра и подобар резултат отколку со Украина. Многу работи може да се променат во зависност од резултатите од другите натпревари коишто се пред нашиот, но ние мора да победиме без оглед дали тие резултати ќе ни одговараат или не. Сакаме да завршиме со победа, а ако даде Бог, да одиме на Европското првенство 2019. Ако не можеме, треба да мислиме на иднината и на нашиот рејтинг со цел да имеме подобра ждрепка за наредниот циклус којшто ќе почне во 2020-тата. Јас имам некое чувство дека Летонија и Шведска ќе победат и дека со наш триумф над Унгарците ќе се радуваме на пласман“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.
Селекторот Никола Матијашевиќ, пак, потенцира дека неговите избраници треба со добар сервис да ги разбијат Унгарците, но жали што поразот во Украина сега ги донесе во ситуација сами да не решаваат за судбината.

„Во Украина не бевме фаворити, сега ќе бидеме, но тоа треба да го покажеме на терен. Им реков на играчите дека натпреварот треба да го почнеме исклучително мотивирани и ако можеме да ги разбиеме, пред се со нашиот сервис. Жал ми е што не решаваме сами зашто во таков случај убеден сум дека салата ќе беше преполна. Но, се надевам дека и сега гледачите ќе дојдат да ни помогнат за да оствариме победа, а со тоа да ги задржиме шансите за пласман“, вели Матијашевиќ.

SPORT1.MK