Фудбал
Спортинг се изјасни: Сампдорија нема да добие пари од трансферот на Бруно Фернандес
Пред неколку дена ФИФА потврди дека го истражува трансферот на Бруно Фернандес од Спортинг во Манчестер Јунајтед.
Португалецот ги воодушеви навивачите на Јунајтед со неговите игри, откако пристигна во клубот во јануари. Но, сега се појавија проблеми околу овој трансфер откако беше поднесена жалба од Сампдорија за која некогаш играше Фернандес.
Поточно, од Сампдорија веруваат дека треба да добијат одредена сума од Спортинг по трансферот во Јунајтед. Фернандес премина од Сампдорија во Спортинг во летото 2017 година, а италијанскиот клуб тврди дека во договорот се наведува дека Спортинг мора да им плати 10% од сумата од следниот трансфер на овој играч.
Фернандес премина во Јунајтед за околу 50 милиони евра, а Сампдорија според договорот би добила околу 4,6 милиони евра. Сепак, на крајот на краиштата, се огласија од Спортинг и рекоа дека нема да има исплата на италијанскиот тим.
„Сампдорија нема право на пари од овој трансфер на Бруно Фернандес затоа што воопшто не беше договорено тоа. Нашиот договор беше дека 10% ќе припаѓаат на Сампдорија ако го продадеме во летото 2018 година. Тоа не се случи и јасно е дека таа клаузула повеќе не важи“, рекоа од Спортинг.
Но, покрај сè, ФИФА ќе го даде последниот збор за сето тоа кога ќе истражи што всушност се случило.