Connect with us

Фудбал

Студира право и игра аматерски фудбал: „Дојдов во соблекувалната и ми рекоа да го чувам Златан“

Вчера, Златан Ибрахимовиќ играше во дресот на Милан во пријателски натпревар против Роденсе, каде „Росонерите“ издвоија висока победа од 9:0.

Искусниот 38-годишен напаѓач на „Сан Сиро“ пристигна како слободен играч откако му истече договорот со ЛА Галакси. Ибра вчера доби шанса да игра и успеа да постигне еден гол и да запиша асистенција.

Ибрахимовиќ вчера го чуваше Филипо Венца, кој до пред неколку дена не можеше ни да сонува дека ќе биде на истиот терен како неговиот идол од детството. Венца е дефанзивец на Роденсе, а инаку студира право во Милано.

Венца го доби дресот од Ибра по натпреварот, откако му објасни дека е негов голем фан. 26-годишниот играч им објаснил на италијанските медиуми дека не може да верува кога слушнал дека ќе го чува Златан на тој натпревар.

„Јас сум навивач на Јувентус уште од детството и уживав кога Капело го водеше клубот, а во тоа време омилени играчи ми беа Ибрахимовиќ и Дел Пјеро. Дојдов на натпреварот вчера, и кога мојот тренер ми рече дека ќе го чувам Златан не можев да верувам во тоа. Се помина добро и го добив неговиот дрес. Сега морам да најдам место да го сокријам бидејќи ова е најдобриот спомен во мојот живот“, рече Венца.

Тој кажа дека е воодушевен од Златан и од неговата подготвеност да игра, иако имал 38 години.

„Тој е физички неверојатен. Не ми изгледаше како да има 38 години затоа што одлично се движи на теренот. Тој одлично се вклопи во тимот затоа што им објаснува на соиграчите што треба да прават. Се сметаше за водач на теренот. Имаше некои потези што ме оставија без зборови. Тој е навистина неверојатен“.