Други спортови
Светлата и темната страна на македонскиот спорт во 2018: Неколку златни медали и еден голем срам
За издвојување во позитивна смисла се златните медали од ЕП на каратистот Емил Павлов и кик – боксерот Димитар Ѓорѓиев, но истото не може да се каже за атлетичарката Дрита Ислами која освен што заврши последна во квалификациите на ЕП во Берлин, не посрамоти со тоа што се фотографираше како „лета орли“ односно со покажување албански иредентистички симбол
Само еден поглед во изминатите дванаесет месеци е доволен да се присетиме на се што не израдува и не растажи во македонскиот спорт. Но, како и во секоја друга работа, така и во спортот подобро е да се паметат само убавите работи, односно да се сеќаваме на спортовите и спортистите кои ја израдуваа нацијата, а за среќа имаше многу такви во 2018 година и во колективниот и во индивидуалниот спорт. Машкиот ракометен тим на Вардар повторно беше дел од големата четворка во Европа, женската ракометна репрезентација конечно почна да граби напред и се пласира во баражот за пласман на СП 2019 година, за пофалба е и македонската фудбалска репрезентација која заврши на првото место во својата група во новоформираното натпреварување на УЕФА – Лига на нации, како и хокеарската репрезентација која со злато се врати од турнир во Германија. Ова е што се однесува до колективниот спорт, на индивидуален план донесени беа многу медали, а имаше и такви кои не само што не направија ништо, туку и ја посработија државата. За издвојување во позитивна смисла се златните медали од ЕП на каратистот Емил Павлов и кик – боксерот Димитар Ѓорѓиев, но истото не може да се каже за атлетичарката Дрита Ислами која освен што заврши последна во квалификациите на ЕП во Берлин, не посрамоти со тоа што се фотографираше како „лета орли“ односно со покажување албански иредентистички симбол.
Меѓутоа од сите убави и неубави настани мора да се одбере најдобриот, а според критериумите на „ВЕЧЕР“ тоа е каратистот Емил Павлов, што не значи дека златото на Димитар Ѓорѓиев е помалку вредно. Павлов има предност само поради тоа што каратето од 2020 година ќе биде олимписки спорт, а целата македонска јавност очекува тој да биде дел од најголемиот спортски настан кој ќе се одржи во Токио (Јапонија)
![]()
Тој на превенство, одржано во Нови Сад, во мај по вторпат стана европски шампион. Имаше пет борби и победи во сите, а најтешка беше првата борба, во која дури во последните секунди успеа да го израмни резултатот, а потоа и да победи. За Емил Павлов ова е втора европска титула, првата ја освои во 2014 година. Вкупно, за него ова е трет континентален трофеј откако во 2016 освои и бронза.
-Ова беше една од најдобрите години во мојата кариера. Од 2018 година можам да се пофалам со освоено европско злато, потоа државното првенство, а сум и балкански шампион. Откако каратето се врати во програмата на Олимписките игри, моја наредна цел е обезбедување на норма преку натпреварите кои следуваат годинава. Ги има многу натпревари така што интензивно ќе се подготвувам за истите и ќе дадам се од себе да ја остварам толку посакуваната норма. Тоа воедно ќе биде и најголемиот мотив за мене во 2019 година, откри Павлов.
Најдобриот македонски кик-боксер Димитар Ѓорѓиев уште еднаш ја потврди својата класа и во меѓународни рамки освојувајќи ја шампионската титула на Европското првенство за сениори кое се одржува во Братислава, Словачка.
Ѓорѓиев во дисциплината Лоу-кик (до 86 килограми) во финалето го победи Русинот Рамазан Баксанов, на тој начин стигнувајќи до европското злато. Ѓорѓиев зад себе има и три титули светски шампион, а ова е негова прва европска шампионска круна.
-За мене најважно во година што измина е тоа што си го остварив сонот, освојувајќи го толку посакуваниот медал од Европското првенство. Цели седум години целта ми беше да дојдам до најсјајното одличје и кончено дојдов до тоа. Затоа, ќе кажам дека ова беше мојата најуспешна година во професионалната кариера. Што се однесува до 2019 година, во неа ќе се обидам да останам во добра форма во која сум моментно, и воедно да изборам златниот медал на СП кое ќе се одржи кон крајот на годината, вели Ѓорѓиев.

Годината што заврши по убаво ќе ја паметат и фановите на фудбалската репрезентација на Македонија. Откако со години бевме навикнати на скромни, а понекогаш и срамни резултати, нашиот национален тим на најдобар може начин се претстави во новоформираното натпреварување под капа на УЕФА, Лига на нации. Избраниците на Игор Ангеловски беа сместени во најслабата по квалитет “Д” група, но со постигнатите резултати, Македонија во следниот циклус ќе се натпреварува во групата “Ц”. Освен што заврши како првопласирана, пред Ерменија, Гибралтал и Лихтенштајн, со пет победи и еден пораз, Македонија обезбеди пласман во полуфиналната рунда од Лига нации и сега е на само два чекора од историскиот пласман на ЕП 2020. Нашиот национален тим за противник во полуфиналето ќе ја има репрезентацијата на Косово, а тој натпревар ќе биде одигран во март на националната арена “Филип Втори”.
![]()
Репрезентација во хокеј на мраз пак испишаа историја, откако со убедлива победа од 9-3 ја совладаа селекцијата на Португалија и го освоија првото место на „Девелопмент турнирот“, кој се играше во Фисен, Германија. Ова натпреварување е неофицијално Светско првенство за земји кои немаат затворена хокеј арена. Нашите репрезентатици на турнирот во Германија одиграа пет натпревари и забележаа исто толку победи, со што сосема заслужено го освоија првото место.
Македонската женска ракометна репрезентација исто така пријатно не изненади со пласманот во баражот за СП 2019 година, во кој ќе се сретне со Словенија. Првите бараж натпревари ќе се играат во периодот од 31 мај/2 јуни, а реваншите ќе бидат меѓу 4 и 6 јуни 2019 година. Победниците обезбедуваат пламан на СП во Јапонија што ќе се одржи од 29 ноември до 15 декември 2019 година. Македонската репрезентација нема учество на големо натпреварување од Европското првнество во Србија во 2012 година. На последниот бараж за мундијалски настап, македонските ракометарки беа елиминирани од Шведска. Целата македонска јавност се надева дека постот на настапи на големите натреварувања ќе заврши наредната година и дека преку Словенија ќе обезбедат место на Мундијалот во Јапонија
Кога сме кај ракомететот не треба да занемеари и шампионот Вардар кој пак беше дел од најдобрата четворка на Стариот Континент. „Црвено – црните“ играа на Ф4 турнирот во Келн каде завршија на четвртото место. Во полуфиналето беа поразени од Монпелје, а во дуелот за 3-то место загубија од ПСЖ.
![]()
Атлетичарката Дрита Ислами беше најцрната точка во македонскиот спорт. Откако на ЕП во Берлин забележа катастрофален резултати притоа направи голем скандал надвор од него, го доби признанието за најдобра ателтичарка во 2018 година од страна на Атлетската Федерација на Македонија
Ислами заврши на последното место во квалификациите на континенталниот собир во Берлин, а веднаш потоа, како член на репрезентацијата на Македонија, се фотографираше со „летање орли“ односно со покажување албански иредентистички симбол. Ваквиот потег од страна на атлетичарката предизвика бурни реакции во спортските кругови кај нас, особено што нејзиниот престој во Берлин беше платен од македонската држава и што со својот непромислен потег го прекрши Дисциплинскиот правилник на АФМ.