Connect with us

Фудбал

Тоа е одвратно и болно!

Во последното интервју кое го даде за португалскиот магазине “Рекорд”, Кристијано Роналдо направи детална анализа на 2018 година. На почетокот, крилниот напаѓач зборуваше за заминувањето од Реал (М) и преселбата во редовите на италијанскиот калчо гигант Јувантус, кој одвои 105 мил. евра за неговото обесштетување.

  • Фантастично бев дочекан. Од сите. Тренерот, тимските колеги, управата, па дури и луѓето од градот. Мојата фамилија и јас сме многу среќени во Торино, изјави Роналдо.

Репрезентативецот на Португалија пет пати ја има освоено “Златната топка” на Франс фудбал, колку што ја има освоено и Лионел Меси, но годинава, најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет заврши кај хрватскиот интернационалец, Лука Модриќ.

  • Индивидуалните награди не се моја опсесија. Мојот приоритет е секогаш да му помогнам на тимот. Останатото ќе дојде со резултатот. Не мислам на освојувањето на индивидуалните награди, секогаш размислувам како да напредувам, како да бидам подобар играч. Да направам пресек на 2018 година? Ќе одвојам две ситуации: освојувањето на Лигата на шампиони со Реал (М) и трансферот во Јувентус, каде одлично бев пречекан, додаде Роналдо.

Португалецот не сакаше да даде конкретен одговор на прашањето што би се случило доколку во финалниот натпревар од годинашното издание на Лигата на шампиони се сретнат неговиот поранешен и сегашен клуб.

  • Финале Реал (М) – Јувентус? Моментално сум фокусиран само на пласманот во 1/4 финалната рунда. Мора да одиме чекор по чекор. Освојувањето на Лигата на шампиони со Јувентус е и мој сон, но не смее да биде опсесија, изјави Роналдо.

Капиталецот на “старата дама” во последните неколку месеци живее со голем проблем затоа што е обвинет за силување на една девојка во Лас Вегас пред девет години.

– Одвратно. Особено кога видов колку е тажна мојата фамилија поради таквите болни обвинувања. Останав мирен и убеден сум дека се ќе биде расчистено, откри Роналдо.

Иако само неколку месеци го носи дресот на Јувентус, Роналдо веќе постигна 14 погодоци, а неговиот тим по 19. одиграни кола има 17 победи и не знае за пораз. За противник во 1/8 финалната рунда од ЛШ, калчо гигантот го доби шпанскиот преставник Атлетико (М).

  • Не е лесно секогаш да се победува. Мора да работиме напорно затоа што само така ќе останеме во топ форма. Каде лежи тајната? Пасија и голема жртва. Секогаш сакам да бидам на највисокото можно ниво, научив како да управувам со моето тело кога е уморно. Се чувствувам добро и сакам да продолжам со играње уште неколку години, додаде Роналдо.

На крајот од интервјуто, Португалецот откри дека се има обложено со предводникот на Јуве, Масимилиано Алегри, дека ќе го реализира секој пенал кој ќе го изведе.

  • Јас сум подготвен да го одржам даденото ветување. Среќен сум затоа што тренерот и тимските колеги го ценат мојот придонес. Навистина бев совршено пречекан. Сакам да им вратам за дадената поддршка, заврши Роналдо.