Други спортови
Циципас закажа полуфинале со Надал
Грчкиот тенисер Стефанос Циципас не можеше ниту да сонува подобар почеток на сезоната. Тој откако го елиминираше Роже Федерер од првиот грен слем турнир Австралија опен, славеше и над Шпанецот Роберто Батиста Агут и се пласираше во полуфиналето на турнирот во Мелбурн.

Гркот го изненади целиот свет пред неколку дена со победата над најтрофејнот тенисер во светот, во осминафиналето, а со одличната игра продолжи и во четвртфиналето каде беше подобар од Агут со 7:5, 4:6, 6:4, 7:6.
- Ова е како бајка, го живеам најубавиот сон и морам да кажам дека напорно работев за ова. Малку сум емотивен, но не премногу, бидејќи многу работев за да стигнам до тука. Кога на почетокот од сезоната ме прашаа што е мојата цел им реков полуфинале на грен слем турнир. Мислев дека сум луд кога го одговорив тоа. Тоа е реално, еве се случи, изјави Цицаипас.
Циципас во полуфиналето ќе ги одмери силите со поранешниот светски тениски рекет број еден Шпанецот Рафаел Надал, кој од турнирот во три сета го елиминираше Американецот Франсис Тијафо со 6:3, 6:4, 6:2.
На женскиот дел од турнирот Петра Квитова (Чешка) која настапува како осма фавортика на АО обезбеди полуфинале по победата над домашната тенисерка Барти, на која и препушти пет гема во двата сета, 6:1 и 6:4.
Квитова во полуфиналето ќе ги одмери силите со Роуз Колинс од САД која е големо изненадување на турнирот, во четвртфиналето беше подобра од Павличенкова од Русија со 2:6, 7:5 и 6:1. Колинс никогаш не минала прво коло на грен слем турнирите, а сега е во полуфиналето на турнирот во Мелбурн.