Фудбал
Тухел се откажа од борбата за титулата: Како да се биде во игра за шампион?
Лондонски Челзи вчера направи голема грешка.
Бод од Стемфорд Бриџ освои Брајтон со голот на Дени Велбек по продолжение (1:1), па сините во новата година влегуваат со осум бода помалку од водечкиот Манчестер Сити.
Mенаџерот на тимот од Лондон, Томас Тухел е бесен поради тоа што се случува во англискиот фудбал и според него трката за шампионот е завршена и тврди дека Челзи не е во игра.
„Како ќе бидеме во играта за титулата? Имаме седум играчи кои се позитивни на Ковид и уште пет или шест кои се надвор од теренот неколку недели. Како да се бориме за титулата?“ се прашува Тухел.
Германскиот стручњак уште пред овој натпревар жестоко го критикуваше раководството на Премиер лигата.
Тухел истакна дека не може да разбере зошто Премиер лигата е единствената лига каде повеќе не постои правило од пет измени.
„Сакаме да играме во текот на зимата и ние сме единствената лига каде што играме во овој период, но ни треба и заштита од лигата“, рече Тухел и продолжи:
„Не можам да разберам. Ние сме единствената лига во светот што се игра во текот на зимата и ние сме единствената лига со три замени во овој тежок период на Ковид“.
„Нема никаква смисла. Ситуацијата е загрижувачка. Имаме повредени играчи, играчи кои се позитивни. Се најдовме во чудна ситуација и не знам зошто немаме пет измени како сите други. Потребна ни е поголема заштита“, рече Тухел.