Connect with us

Фудбал

Уапсени уште хрватски хулигани, сакале да се качат на брод (ФОТО)

Грчките медиуми јавуваат дека грчката полиција во ноќта меѓу вторник и среда уапсила уште неколку хрватски хулигани.

Тие се обиделе да се качат на брод за Италија, соопшти грчката државна телевизија, но биле фатени и однесени во полициска станица, каде што биле сослушани, а потоа префрлени во Атина. Освен тоа, вчера во Какавија бил фатен 19-годишен Хрват кој со автобус се обидувал да замине од Грција за Тирана.

По навивачките немири во кои едно лице загина, а осум беа повредени, полицијата постави блокади насекаде низ Грција, особено на излезите од државата, за да ги уапси сите кои учествуваа во споменатите крвави инциденти. Се проценува дека најмалку 50 хрватски навивачи се уште се во бегство, а во тек е лабораториско истражување на ДНК и други докази за откривање на сторителот на убиството.

Медиумите објавија дека е уапсен Грк за убиството на 29-годишниот Михалис, навивач на АЕК, што официјално не е потврдено. Сите уапсени лица кои грчката полиција ги приведе по навивачките нереди во пресрет на натпреварот од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите меѓу АЕК и Динамо ќе бидат изведени пред обвинител.