Фудбал
УЕФА ја засилува борбата против расизмот и злоупотребата на фудбалерите на интернет
УЕФА ќе започне програма за борба против онлајн расистичката злоупотреба на фудбалерите, соработувајќи со компаниите за социјални медиуми за отстранување на навредливи содржини од платформите и подигање на свеста, соопшти централата.
Европската фудбалска централа додаде дека програмата, која ќе започне за време на Европското првенство за жени од 6 до 31 јули, ќе работи на „активно следење, известување и санирање“ на случаи на злоупотреба на интернет.
Англиските репрезентативци Маркус Рашфорд, Џејден Санчо и Букајо Сака беа цел на онлајн расистичка злоупотреба, откако ги промашија пенали во поразот од Италија со 3-2 во финалето на Европското првенство минатата година.
Извештајот објавен од ФИФА минатиот месец откри дека повеќе од половина од играчите на минатогодишното Европско првенство и Африканскиот куп на нации биле изложени на расистичка злоупотреба на интернет.
„Програмата за почит има за цел да преземе конкретни активности за да спречи навредливо онлајн однесување и дискриминација за време на сите фудбалски турнири, вклучително и младинските, женските и машките финалиња во следните три години. За да обезбеди отстранување на навредливите содржини, УЕФА работи директно со главните социјални медиумски платформи како Твитер, Мета (Инстаграм и Фејсбук) и ТикТок“, се вели во соопштението на УЕФА.
Програмата ќе вклучува кампања во која ќе учествуваат фудбалерите Венди Ренард, Жоргињо и Алиша Леман.
„Кога нешто кажувате или пишувате на социјалните мрежи, не сфаќате колку е тоа болно или какви последици може да има. Тоа може да остави трага бидејќи сите сме луѓе, сите имаме емоции“, изјави францускиот репрезентативец Ренар.