Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Вардар со триумф над Академија Пандев во последното коло

Интересен и возбудлив натпревар одиграа Вардар и Академија Пандев, во кој што и двата тима се сменија со водствата, за на крајот „црвено-црните“ да дојдат до погодок, и до трите бода на овој меч. Со тоа да прекинат една серија од пет меча без победа на свој терен. Вардарци имаа негатива во првиот дел, потоа водство, за Академија Пандев да израмни. Меѓутоа нашите фудбалери не се предадоа, и ја дочекаа шансата во 89. минута да стигнат и до трет гол, овој пат доволен за освојување на трите бодови.

И покрај иницијативата, и покрај шансите кои ги имаше, Вардарци во првиот дел имаа негатива и тоа во финишот откако примија несреќен гол. Првата прилика на мечот за Академија Пандев преку Миловановиќ кој шутира од десната страна, ама топката оди само крај голот. Во следната минута Дориев од левата страна се најде во добра позиција, и шутираше непрецизно само над голот.

Во 11. минута после центаршут на Хамбарџумјан, Барсегјан се најде во одлична позиција и со глава можеше да постигне гол, наместо тоа ја упати топката над пречката. Се играше 18. минута кога Илиќ забележа одбрана по обидот со глава на Пандев.

Горан Попов ја имаше најдобрата шанса во првиот дел кога по изведен корнер на Брдаровски со глава ја упати топката на вистинското место, меѓутоа од самата гол линија чисто водство на Вардар спаси Атанаскоски кој изби во корнер.

Во судиското надополнување во првиот дел досуден корнер за Академија Пандев кој го изведе Атанасов на првиот дирек каде што одбраната на Вардар расчисти само до Сашко Пандев кој се најде осамен, и успеа да го совлада Илиќ за водство на гостинот на овој меч.

Влезе Максимов во вториот дел, и веднаш ја имаше првата шанса да израмни. Во 47. минута по проигрување од Барсегјан, рускиот интернационалец со глава ја погоди само пречката од голот на гостите.

Сепак, во 51. минута Вардар стигнува до израмнување. Адем одлично ја почна акцијата и ја испрати топката до Барсегјан кој што се проби по десната страна и одлично го проигра Максимов, а овој погоди во празниот гол за резултатска симетрија на мечот.

Вардарци не застанаа тука. Две минути подоцна по нафрлување на Глишиќ, обидот со глава на Адем е прецизен, но Истатов го избива во корнер за „црвено-црните“.

Карактерот и желбата на Вардар донесоа пресврт и прво водство на Вардар во 66. минута. Една топка Хамбарџумјан ја испрати до својот сонародник Барсегјан кој што од десната страна од добра позиција, најпрво се ослободи од противнички играч, а потоа мирно стрелаше во долниот десен агол од голот на Истатов за втор гол за „црвено-црните“ и прво водство на мечот.  

Десетина минути подоцна, Вардар имаше шанса за трет гол, и за дефинитивно решавање на победникот. Исени украде една топка на средината на теренот, претрча 35-40 метри, стигна до десет метри од голот, шутираше, меѓутоа неговиот обид беше одбранет од Истатов.

Кога Вардар не стигна до трет гол, Академија Пандев дојде до израмнување. После една лоша интервенција на Глишиќ на десната страна, топката дојде до Марков кој што погоди во мрежата на Илиќ за израмнување на резултатот.

Малиот пад во играта во Вардар можеше да резултира со трет гол во мрежата на Вардар после шансата на Атанасов во 81. минута, меѓутоа Илиќ одлично интервенираше и спаси чист гол, и второ водство на гостинот на овој натпревар. Следуваше уште една интервенција на Илиќ во 86. минута по обидот на Дориев од 16 метри.  

Вардарци повторно се издигнаа над сите проблеми, и успеаја во 89. минута да  дојдат до уште едно водство. Попов од левата страна го проигра Хамбарџумјан на вториот дирек кој што со глава му асистираше на Максимов, а Русинот погоди во празната мрежа за водство, и за победа на Вардар после пет натпревари на домашен терен.