Connect with us

Фудбал

Веќе нема дилема: Салах јавно кажа каде ќе игра следната сезона

Мохамед Салах се уште не постигнал договор со Ливерпул за нов договор.

Веќе неколку месеци се шпекулира дали Салах ќе го продолжи договорот со „црвените“ и ќе остане на „Енфилд“, а Египјанецот веќе во неколку наврати ги одбиваше понудите на Ливерпул.

Според медиумите во Англија, најголем проблем е платата која Салах ја бара и наводно сака да заработува околу 40 милиони фунти годишно, а Ливерпул не сака да се согласи на тоа.

Дури се појавија шпекулации дека Салах би можел да ги напушти „црвените“ на лето и дека Ливерпул би можел да го продаде доколку не го продолжи договорот за да ја избегне можноста следната година да си замине без отштета.

Сепак, Салах денеска ги израдува навивачите на Ливерпул бидејќи изјави дека сигурно останува во овој клуб и следната сезона, а дека во моментов не размислува за нов договор и е фокусиран само на финалето од Лигата на шампионите.

„Ќе останам во Ливерпул следната сезона и тоа е сигурно и сосема јасно. Во моментов воопшто не размислувам за новиот договор. Не сакам да бидам себичен бидејќи сега не е вистинско време да зборувам за нов договор“, рече Салах.

Сепак, во Ливерпул се уште се загрижени бидејќи Салах не им дал конкретен одговор и со право се плашат дека би можел да си замине како слободен играч на крајот на следната сезона доколку не го продолжи договорот.