Фудбал
Верати ги напушти ПСЖ и Европа: „Едвај чекам да откријам се“
Фудбалерот од средниот ред на ПСЖ, Марко Верати пристигна во Доха, Катар, каде што треба да ги помине медицинските прегледи пред да потпише за клубот Ал-Араби, тврди АФП. Долгогодишниот играч за врска на ПСЖ, 30-годишниот Верати летово беше ставен на непожелната листа од челниците на парискиот клуб и не сметаа на него во Лигата на шампионите.
Според сликите објавени од локалните медиуми, италијанскиот репрезентативец со 55 натпревари за „аѕурите“ пристигна во Доха во понеделникот вечерта.
„Многу сум среќен и едвај чекам да започне оваа сезона. Се надевам дека ќе имаме одлична сезона. Едвај чекам да откријам се, стадионот, навивачите, соиграчите, тренерите”, коментираше видно насмеан и опуштен играчот по пристигнувањето на аеродромот.
Условите на договорот се уште не се познати, но медиумите пренесуваат дека се работи за трансфер вреден околу 45 милиони евра. ПСЖ допрва треба да го објави заминувањето на Италијанецот, кој им се приклучи на Парижаните во 2012 година, само една година откако францускиот клуб беше преземен од Катар Спорт Инвестментс (КСИ).