Фудбал
Вети дека ќе му купи патики од 800 евра ако постигне гол, а тој постигна два и веднаш истрча кај Мурињо
Фудбалерите на Рома синоќа ја победија Џенова на гости со 2:0 во натпреварот од 13. коло на италијанската Серија А.
Рома на крајот со многу мака успеа да дојде до три бода, а херој на овој тим беше 18-годишниот Феликс Афена-Гјан, кому Жозе Мурињо му даде шанса на крајот од мечот.
Фудбалерите на Рома синоќа создадоа можности, но тоа не успеаја да ги крунисаат со гол. Сепак, Мурињо потоа во 74. минута го испрати на терен Афена-Гјан, што беше моментот кој го реши натпреварот.
18-годишниот фудбалер на Рома само осум минути подоцна успеа да постигне гол за 1:0, по одличното проигрување на Мхитарјан.
Но, тоа не беше се од тинејџерот на Рома на овој натпревар. Афена-Гјан успеа да го постигне својот втор гол во четвртата минута од судиското надополнување и со тоа ги постави конечните 2:0.
Top Talent Felix Afena-Gyan??⚽️??….Savior for Jose Mourinho's AS Roma??? pic.twitter.com/nyDonmMDli
— Richard Kwaku Yeboah (KY)??️ (@KYeboah99) November 21, 2021
По натпреварот Жозе Мурињо зборуваше за овој тинејџер кој решил да му даде можност да игра за првиот тим на Рома и очигледно тоа беше одлична одлука на португалскиот стручњак.
Тренерот на Рома откри дека му ветил на Феликс дека ќе купи патики кои многу му се допаѓаат и рече дека ова е првото нешто што ќе го направи денеска.
„Му ветив на Феликс дека ќе му купам патики кои навистина му се допаѓаат, иако се прилично скапи бидејќи чинат 800 евра. Кога постигна гол, притрча до мене и ми рече да не го заборавам тоа ветување. Утрото првото нешто ќе го направам е да ги купам тие патики бидејќи тој навистина ги заслужува.“ – изјави Мурињо.
18-годишниот напаѓач потекнува од Гана каде играше во клубот ЕурАфрика, а пристигна во Рома претходно оваа година и беше дел од јуниорскиот тим на римскиот клуб.
Но, Мурињо реши да му даде шанса во првиот тим и тоа беше одличен потег. Тој досега одигра три натпревари во Серија А, а на теренот запиша вкупно 92 минути и постигна два гола, што е одличен учинок и показател за каков потенцијал станува збор.