Фудбал
ВИДЕО: Стариот добар Пандев, стана најстар играч кој дал гол на квалификациски меч против Германија
Пандев повторно дојде до израз во триумфот над Германија. Нашиот капитен уште долго ќе го паметат Германците.
Со погодокот кој го постигна вечерва Горан Пандев, 37-годишниот струмичанец стана највозрасниот фудбалер кој постогнал гол против Германија во еден меч од квалфикации за СП.
Пандев ја затресе мрежата на Марк Андре Тер Штеген на асистенција на Енис Барди во судиското надополнување на првото полувреме, кога погоди од непосредна близина на противничкиот гол.
Пандев на 37 години стана највозрасниот фудбалер што постигнал гол против Германија. Претходно, Норвежанецот Ханс Нордал на 35-годишна возраст ја затресол мрежата на „панцерите“ во 1953 година.
„Пандев уште дава голови и во 2021 година“, „годините се само бројка“, „повторно добриот, стар Горан Пандев“, „Пандев старее како добро вино“, „Пандев никогаш не престана да постигнува голови за Македонија“, се дел од коментарите во светските медиуми и меѓу љубителите на фудбалот на Интернет, по голот на искусниот напаѓач кој настапува за италијанска Џенова.
„Дојче веле“, пак, потсети дека кога Пандев го постигна првиот гол во репрезентативниот дрес, против Малта во 2002 година, за Германија бранеше легендарниот Оливер Кан. Пандев моментно има 37 гола на 117 настапи за Македонија. Капитенот го постигна и голот за пласман на Европското првенство во победата над Грузија од 1-0 на гости, во ноември минатата година.