Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Вардар поразен од Пјуник и на реваншот во Скопје

И покрај желбата и мотивацијата, Вардарци, сепак, не успеаја да ја минат првата пречка во Европа во оваа сезона. Пјуник вечерва во Скопје дојде до нова, овој пат поубедлива победа, и го елиминираше Вардар од меѓународната сцена.

Вардар имаше надеж се до 86. минута кога Ерменците прв пат го совладаа Гачевски, а две минути подоцна дадоа уште еден гол, и со тоа згаснаа надежите на „црвено-црните“ во тие мигови дека може да дојдат до чудо. Вардар тука застанува во Европа, откако минатата сезона го направи најголемиот успех во својата историја.

Во текот на целото прво полувреме Вардарци ја имаа доминацијата, ја имаа играта, меѓутоа првата сериозна закана стигна од тимот на Пјуник. Ерменскиот состав после противнапад во 11. минута се закани преку Војнов, удар кој беше одбранет од Гачевски.

Се играше 21. минута кога имаше радост на трибините, мрежата на Пјуник беше затресена, меѓутоа голот на Максимов беше поништен поради тоа што линискиот судија покажа дека топката била излезена по изведениот корнер. Во 35. минута Корјан од пеналтикот шутираше над голот. Минута подоцна обидот на Конате го одбрани Гачевски.

Пред крајот на првиот дел и Мицевски се обиде, меѓутоа топката отиде над голот на противникот, и немаше опасност.

На стартот од вториот дел по изведен корнер, се создаде мешаница пред голот на Пјуник, па Ерменците среќно ја расчистија опасноста пред Барсегјан да ја спроведе топката во мрежата на Пјуник, а истата не стигна до Максимов кој беше во добра позиција.

Одличен противнапад изведоа Вардарци во 50. минута од средбата кога Барсегјан од левата страна се проби одлично, одкосо шутираше право во голманот Драгојевиќ кој што успеа да спаси во оваа ситуација водство на Вардар. Три минути подоцна иста ситуација, само овој пат Барсегјан беше проигран од Попзлатанов, и повторно интервенција на нововлезениот голман Драгојевиќ.

На следната шанса се чекаше 20 минути, се до 79. минута кога шутот на Брдаровски од левата страна заврши само крај голот на противникот. Три минути подоцна обид на Максимов со глава оди во рацете на Драгојевиќ.

Пјуник успеа да стигне до водство во 86. минута. Oд првата посериозна акција во вториот дел, топката се одби до Балде кој што од дваесетина метри беше прецизен во горниот лев агол од голот на „црвено-црните“. Две минути подоцна Пјуник уште еднаш преку Балде реализираше. Противнапад по левата страна после кој топка доби Балде, кој сам пред голот погоди во мрежата на Гачевски.