Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Владата ќе помогне во изградбата на стадионот во Битола

На денешната средба помеѓу премиерот на Република Македониј, Зоран Заев и градоначалникот на Општина Битола Наташа Петровска било разговарано и околу стадионот под Тумбе кафе кој досега требаше веќе да биде изграден.

„Разговаравме за големите финансиски импликации на почетокот за избрзаната одлука за стадионот. Стадионот треба и е многу важен. Но, овие стадиони се и од нацинален интерес. Дефинитивно државата ќе мора да се втурне и да помогне“, изјави премиерот Зоран Заев.


 

А денеска под Тумбе Кафе имаме само малку цемент, некоја арматура, кал и малку сѐ уште останата надеж, дека некогаш ќе имаме стадион во Битола.

Стадионот под Тумбе кафе е далеку од ликот кој прилега на т.н. елитно натпреварување во фудбал. Освен на тревата, на стадионот нема никакви други интервенции кои посетителите би можеле да ги видат. Новата трева на стадионот под Тумбе кафе е единствената очигледна инвестиција во некогашниот фудбалски храм на Битола. 

 

Проект тежок повеќе од 800.000 евра кој Општина Битола и ФФМ во 2014. година го потпишаа договор. Во времето на владеењето на Владимир Талески се предвидуваше и осветлување на стадионот, но во моментов таму ретко се наоѓаат столчиња, камо ли рефлектори.

Поставени или не рефлекторите за играње на ноќни фудбалски натпревари, не се најголемиот проблем на стадионот под Тумбе кафе. Рефлекторите немаше да ја поправат грдата слика на објектот. Почнувајќи од неговата надворешност. Патната инфраструктура околу стадионот наликува на повоена состојба, влезовите на филмски сет од сценарио за конфликт, а за да се стаса до трибините без седишта, треба да се помине низ бројни безбедносни предизвици. Таму, пак, освен цемент, ќе ве дочекаат остатоци од семки, сончоглед и пијалаци.

Во 2014. година се сеќаваме на проектот „Фудбалски стадион со 12.000 гледачи“ за кој еден грст инвеститори (неколку од Битола и еден од Бугарија) беа заинтересирани при презентацијата во Општина Битола. Но и од тоа не видовме ништо.

Последната ескалација на реториката поврзана со фудбалскиот, кошаркарскиот и ракометниот клуб Пелистер, на површина ги исфрли по којзнае којпат проблемите со кои се соочува спортот во градот изминативе петнаесет години. Проблеми за чие решавање е потребен сериозен ангажман и најважно сериозни парични средства, кои ние во Битола ги немаме.

Проблемот со спортот и спортските објекти во Битола не е вчерашен, но за потребите и желбите на битолчани одредени структури кои се задолжени за добробитта на сите граѓани на Република Македонија, дознаваат сега, благодарение на Фејсбук.

И Битолскиот огранок на Социјал – демократскиот сојуз на Македонија во 2014. година се придружи на Фејсбук кампањата „Битола сака стадион“. Тогаш го повикуваа Талески на седница на Советот да даде одговор за состојбите во кои се наоѓа спортот во Битола.

Во Мај 2014. година до Општина Битола беше доставена документацијата на над 500 графички прикази и 1.200 страници за реконструкција на градскиот стадион под Тумбе кафе. Но, сето тоа остана само на хартија. Паралелно, тогаш со промоцијата на проектот за реконструкција на стадионот, советниците во Советот на Општина Битола расправаа и за продажба на акции во сопственост на Општина Битола. Талески тогаш рече дека новиот стадион оди рака под рака со клубот кој треба да биде шамапион.

Изминатава година бевме сведоци и на протести од страна на фудбалерите на ФК Пелистер кои протестираа против неисплатени плати. Последно најактуелен проблем беше проблемот со Општина Битола и акционерите, а обелоденето беше и дека фудбалери на ФК Пелистер земале плата од неколку илјади евра. По очајната состојба во клубот Пелистер остана без неколку звучни имиња, а сега тие и го тужат клубот.

Граѓанската иницијатива за изградба на модерен стадион Тумбе кафе во Битола има свој Фејсбук профил од октомври 2013 година. Досега има собрано нешто повеќе од 4000 лајкови, а поддршка за нов стадион под Тумбе кафе, иницијативата добила од голем број истакнати спортски и општествени работници.

Новиот стадион под Тумбе кафе требаше да има четири трибини со капацитет од 12.000 гледачи, шест атлетски патеки и содржини налик на модерните фудбласки зданија. Објектот требаше да биде изграден по стандардите на ФИФА и УЕФА и да биде класифициран како стадион од втора категорија.

ЈОВИЦА ПАУНОСКИ