Connect with us

Други спортови

Во Куманово пинг-понг турнир за поттикнување на интеркултурниот дијалог меѓу младите

Здружението Центар за интеркултурен дијалог организира пинг-понг турнир ,,Multiкулти’s got Champions” во Куманово, а локалната акција има за цел да ги охрабри сите млади луѓе без оглед на етничка припадност, вероисповед, пол, различна способност преку спорт и рекреација да се вклучат во интеркултурен дијалог.

Турнирот ќе се одржи во спортската сала на ООУ ,,Вук Караџиќ” и ООУ ,,Наим Фрашери”.

Ученици од основните училишта од Куманово ќе играат во тимови од по двајца (едно машко и едно женско). Пред самиот турнир ќе има активности за запознавање и зближување со цел да се подигне тимскиот и здрав компетитивен дух, како и почитта за вредности како еднаквост, фер, невербална комуникација, дисциплина и инклузија.

Идејата за настанот произлезе од досегашното искуство на ЦИД во градење мостови за зближување на поделените заедници во Куманово преку културни, едукативни и спортски активности. До сега во просториите на младинскиот центар Мултикулти се одржаа два турнири во пинг-понг, кои се покажаа како доста успешни според бројот на посетеност и диверзитетот на учесниците во поглед на етничка припадност.

Активностите се кофинансирани од француската Амбасада и Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО, основана од Западен Балкан 6. Главната цел е давање придонес кон процесот на помирување и промоција на младинска меѓукултурна соработка.

Advertisement