Connect with us

Фудбал

Во Штип комеморација за фудбалската легенда Драгослав Шекуларац

Во Штип пред споменикот посветен на фудбалската легенда Драгослав Шекуларац, кој се наоѓа пред Центарот за култура „Ацо Шопов“ и Правниот факултет денеска се одржа комеморација на која присуствуваа негови роднини, спортски работници, пријатели и градоначалникот на Општина Штип.

Шекуларац беше омилен меѓу штипјани, бидејќи во 1937 е роден токму во Штип, по што заедно со родителите се пресилил во Белград. Спортските работници и новинарите кои имале средби и се дружеле со Шекуларац велат дека постојано го посетувал градот Штип, каде што во коритото на реката Отиња играл и фудбал со другарите.

На комеморацијата пред споменикот се обратија градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и претседателот на Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип, Елмир Мандак, кои потенцираа дека фудбалската легенда ќе остане во сеќавањето на штипјани и на спортските работници, бидејќи во 1978 година токму во Штип ги донесе и познатите светски фудбалски ѕвезди, Еузебио, Џајиќ, Сантрач, Молина и други, кога се простуваше од фудбалот, а во 2017 година градот му го изгради и споменикот, а на Градскиот стадион ги донесе и ветераните на Фудбалскиот клуб „Црвена Ѕвезда“.

Делегации од општината, Фудбалскиот клуб „Брегалница“, како и спортски работници, роднини и пријатели на споменикот положија и букети цвеќе.