Фудбал
Во среда, за прв пат во историјата на Бундеслигата, ќе се одигра натпревар без публика
За прв пат во историјата на Бундеслигата, ќе се одигра еден натпревар без публика.
Борусија Моенхенгладбах и Келн ќе го играат локалното дерби в среда. Ова е заостанат натпревар од 21. коло, кое претходно беше одложено поради невреме.
Бундеслигата се игра од 1963 година, а утрешниот натпревар од 18:30 часот на „Борусија парк“ ќе биде првиот во историјата кој ќе се одигра без гледачи.
Градоначалникот на Моенхенгладбах, Ханс Вилхелм Рајнерс, донесе одлука да не присуствува публика на трибините утре, поради ризикот од ширење на коронавирусот.
Треба да се очекува во наредните денови да се донесе одлука за играње натпревари без публика бидејќи германскиот министер за здравство Јенс Спан препорача да се откажат сите настани на кои ќе има повеќе од 1000 луѓе.
Од друга страна, раководството на Бундеслигата претходно објави дека планот е да се одигра остатокот од сезоната според планираното.