Connect with us

Фудбал

Ѕвездата на Баерн пред заминување: „Постојат три опции, ќе видиме“

После 12 години Давид Алаба би можел да го напушти Баерн.

Тој пристигна во Минхен како 15-годишник од Австрија Виена, а до денес има поминато само една сезона на позајмица во Хофенхајм (2011), играјќи ги сите други за германскиот великан. Досега левиот бек одигра 372 натпревари за првиот тим на „Баварците“. Тој постигна 30 голови и асистираше 48 пати, освојувајќи 17 трофеи, вклучувајќи ја и историската тројна круна во 2013 година (Лига на шампиони, Бундеслига и Куп).

Сепак, неговиот договор со Баерн истекува во летото 2021 година, а засега нема сериозни преговори за евентуално продолжување на соработката, па 27-годишниот би можел да ја напушти „Алијанц Арена“.

Всушност, постојат три опции за кои размислува, а еве кои се тие.

„Авантура во МЛС и запознавање со нова култура, враќање во Австрија, кој е мојот дом, или можеби останување во Баерн. Овие се три опции, ќе видиме“, рече Алаба, продолжувајќи:

„Во Минхен сите овие години се чувствувам одлично и фокусиран сум само на Баерн. Сепак, во исто време размислувам за иднината, а можеби и за нови предизвици. Фудбалот денес е брз и може да се случи се, но во моментот немам претстава како ќе одат работите“, истакна левиот бек, кој често знаеше да игра и на стоперската позиција.

Тој претходно го бараше Реал Мадрид, па Флорентино Перез би можел да се врати во игра доколку би се разделиле Алаба и Баерн. Се разбира, другите европски великани би можеле да го започнат нападот заедно со Реал.

Во моментов Алаба вреди околу 70-80 милиони евра, а останува да се види дали Баерн ќе му понуди нов договор. Доколку не успее да го стори тоа значи дека тој ќе се обиде да го продаде во следниот преоден рок за да не го изгуби без надомест следното лето.

Интересно е што ако тој ја освои Бундес лигата со Баерн оваа сезона, тоа ќе биде деветти шампионски трофеј на Алаба.