Фудбал
Платија 13,5 милиони за него, а сега ќе го отпуштат бидејќи се здебелил
Требаше да биде големо засилување за последната линија на Севиља, но неговиот трансфер се покажа како тотален неуспех. Жорис Њањо (24), Французин со потекло од Брегот на Слоновата Коска, наскоро ќе добие отказ во Севилја, пренесуваат локалните портали блиски до тој клуб.
Причината е малку бизарна. Како официјално оправдување, шпанскиот тим ќе ја претстави лошата физичка состојба на дефанзивецот, а всушност тој во последниот период, со оглед на тоа дека не беше во преден план кај тренерот, се здебелил.
Пред само три години, Севиља на француски Рен плати 13,5 милиони евра за него и потпиша петгодишен договор. Во тоа време, тој имаше голема репутација, веќе имаше искуство во Лига Европа и беше млад репрезентативец на Франција.
Но, не одеше се како што се очекуваше.
Истото лето, тој направи скандал бидејќи намерно повреди млад фудбалер на Ливерпул, на пријателски натпревар, за што доби директен црвен картон. Се обиде да се наметне во Севиља таа сезона, но не успеа во тоа, па се процени дека ќе биде најдобро за него да се врати во Рен.
Одигра уште една добра сезона на позајмица во Франција, но Рен не сакаше да го откупи, што го разочара. Тој беше одбиен од клубот каде што го изгради своето име, а на Севиља не и требаше. Престана да размислува за фудбал, па во моментов има неколку килограми плус.
Клубот тоа го сфати како еден вид непрофесионалност, па планира да го раскине договорот што требаше да трае до 2023 година.
Бидејќи не успеаја да го продадат во текот на летниот преоден рок, одлучија да го отпуштат. Воопшто не е лиценциран за натпревари оваа сезона, и наскоро ќе може слободно да избере нова средина.