Connect with us

Фудбал

Јувентус би можел да се врати во Серија Б

Претседателот на италијанската асоцијација за заштита на потрошувачите (CODACONS) Марко Донзели изјави дека Јувентус мора да ги сноси последиците доколку се докаже дека клубот фалсификувал податоци во финансиските извештаи во периодот од 20018 до 2021 година.

Инспекторите пред неколку дена упаднаа во просториите на Јувентус за да ја одземат документацијата поврзана со финансиските извештаи, со оглед на тоа дека шест лица од клубот се осомничени за фалсификување податоци.

Под истрага се претседателот Андреа Ањели, потпретседателот Павел Недвед, поранешниот спортски лидер Фабио Паратичи (сега во Тотенхем) и уште тројца други во комерцијалниот сектор: сегашниот извршен директор Стефано Серато, поранешниот главен корпоративен и финансиски директор Стефано Бертола и поранешен финансиски менаџер Марко Ре, и најпрво од Италија стигна информација дека Јувентус ќе биде казнет доколку се докаже „перење пари“.

Сепак, денеска од Апенините пристигнуваат различни информации кои воопшто нема да им се допаднат на навивачите на Старата дама. Имено, првиот човек на италијанската асоцијација за заштита на потрошувачите потврди дека во случај да се докаже дека Јувентус фалсификувал финансиски извештаи (50 милиони евра), од властите ќе побара строга казна. Меѓу другото, одземањето на трофеите освоени во периодот од 2018 до 2021 година и елиминацијата на Јувентус во Серија Б.

„Ако Јувентус незаконски стекнал предност во однос на ривалите, тогаш Федерацијата и Управата за натпреварување треба да се вклучат и да воведат санкции против Јувентус“, рече Донзели.

„Поради оваа причина, и за да ги заштитиме илјадниците навивачи, ќе поднесеме жалба до Антимонополскиот комитет и федералните обвинители барајќи од нив да го префрлат Јувентус во Серија Б и да ги одземат последните шампионски титули освоени како резултат на овие потенцијално незаконски операции. – додаде Донзели.

Јувентус испадна во Серија Б во 2006 година

Во 2006 година во Италија изби еден од најголемите корупциски скандали во историјата на фудбалот. Како резултат на истрагата санкционирани се Јувентус, Милан, Фиорентина и Лацио. Овие клубови се обвинети за купување натпревари и за заговор. Корупцискиот скандал беше наречен Калчополи.

Властите сакаа да го испратат Јувентус во Серија Ц, но по жалба, клубот од Торино заврши во Серија Б. На клубот му беа одземени две шампионски титули доделени на Интер, а му беше забрането да игра во Лигата на шампионите во сезоната 2006/2007 .

По скандалот Јувентус го напуштија многу ѕвезди. Алесандро Дел Пјеро, Мауро Каморанези и Џанлуиџи Буфон останаа да ја вратат „Старата дама“ од Серија Б.