Фудбал
Алегри за Влаховиќ: Да бидеме реални, тој е добар играч, ама не дојде од марс, туку од клуб кој игра еднаш неделно
Душан Влаховиќ втор натпревар по ред не постигна гол за Јувентус, а тоа веднаш ја потресе спортската медиумска сцена во Италија. Црно-белите ремизираа во дербито против Торино (1:1), а скапиот српски шпиц беше заменет во 74. минута по неимпресивна игра.
Тренерот на „Старата дама“ Масимилијано Алегри на прес-конференција беше бомбардиран со прашања за Влаховиќ.
Алегри прво изјави дека не е загрижен за повредите на Паоло Дибала, Лука Пелегрини и Даниеле Ругани бидејќи има „долга клупа“, а потоа се осврна на партијата на Душан Влаховиќ. Искусниот стручњак забележа дека има незадоволство во известувањето на некои медиуми затоа што Србинот не постигна гол втор натпревар по ред. Тој вели дека Влаховиќ во Јувентус не дошол од марс, туку од Фиорентина.
-Да не заборавиме дека тој доаѓа од тим кој имаше многу добра сезона, но играше по еден натпревар неделно. Мора да напредувате, мора да се прилагодите на тоа, во спротивно нема да можете физички да играте на секои три дена. Тој не е марсовец, да му дадеме време да се адаптира, изјави италијанскиот стручњак.