Фудбал
Панчев, Најдовски и Канатларовски ќе се надигруваат со легендите на Црвена звезда
Македонските фудбалски легенди денеска од 13 часот ќе одиграат ревијален меч против ветераните на поранешниот европски шампион, екипата на Црвена звезда. Овој меч, кој ќе се одигра на помошниот терен на Работнички, ќе биде одбележувањето на празникот „13 ноември”, денот на ослободувањето на градот Скопје. Организатор на мечот е поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, кој своевремено беше сопственик на женскиот ракометен шампион, Кометал Ѓорче Петров, како и на фудбалските клубови Вардар и Работнички.

За белградскиот тим денеска на зелениот терен во Скопје ќе излезат фудбалери од славната генерација 1979/80 на Звезда, а меѓу нив ќе биде и една од најголемите легенди на „црвено – белите” Драган Џајиќ, како и имиња како Владимир Петровиќ-Пижон, Милош Шестиќ, Душан Савиќ….
- Организирав ревијален меч на ветераните на Црвена звезда и на град Скопје. Фудбалот е игра со која растевме и се уште живееме и се надевам дека ќе биде пренесена на идните генерации. Ветераните на Звезда се многу активни, сакаат да го актуализираат фудбалот како забава за луѓето. Доаѓаат најзвучните имиња, кои многу значат фудбалски за целиот регион. Жал ми е што актуелниот градоначалник на Скопје не е со нас, се обидовме да стапиме во контакт, зошто ова е ден на град Скопје. Објективно овој настан заслужува внимание, пред се зошто на теренот ќе бидат Панчев, Најдоски, Караси, Џајиќ, Савиќ, Шестиќ, кои се личности кои оставиле длабоки траги во фудбалот во регионот. Сакам да ги поканам љубителите на фудбалот да дадат поддршка, а пораката е едноставна и јасна – да се дружиме, да бидеме пријатели и да го промовираме фудбалот, истакна Костовски.

За тимот на град Скопје ќе играат Дарко Панчев, Илија Најдоски, Митко Стојкоски, Тони Мицевски, Драган Канатларовски, Пепи Георгиевски, Томче Трајановски, а ќе суди Гоце Попев.
- Многу играчи од противничкиот тим ни биле идоли. Ова ќе биде дружење, забава, драго ми е што вакви фудбалски имиња ќе ни бидат гости, вели македонската легенда Дарко Панчев.
Фото: Д. Митрески