Фудбал
Милан го обезбеди потписот на Ибракадабра
Ако му се верува на најтиражниот спортски весник во Италија, “Газета дело Спорт”, тогаш шведската фудбалска ѕвезда Златан Ибрахимовиќ веќе се има согласено да се врати во редовите на калчо гигантот Милан.

Триесет и седум годишниот напаѓач се договорил со „росонерите“ за плата од два милиони евра, што ќе ја добие во следните шест месеци. Договорот, исто така, има опција за уште една сезона. Останува само Милан да постигне договор со ЛА Галакси околу обесштетувањето затоа што договорот на Швеѓанецот со тимот на САД истекува на 31 декември 2019 година.
Менаџерот на Ибракадабра, Мино Раиола пред неколку дена имаше четиричасовна средба со претставници на Милан, а италијанските медиуми веднаш ја пласираа информацијата дека шведскиот ветеран ги прифатил условите на Милан.
Во својата прва сезона во САД, Златан забележа 22 гола и 10 асистенции и беше избран за дебитант број 1 на регуларната сезона во МЛС. Швеѓанецот веќе го носеше дресот на Милан во периодот од 2010 до 2012 година. Во овие две сезони тој постигна вкупно 56 погодоци во сите натпреварувања.