Фудбал
Трајковски и Несторовски се спасија од лудиот Ѕампа
Маурицио Ѕампарини повеќе не поседува ниту една акција во сицилијанскиот клуб Палермо, објавија италијанските медиуми. Лудиот Ѕампа, како што го нарекуваа, го продал клубот на еден англиски конзорциум, кој треба да го спаси клубот од лошата финансиска ситуација.

Контроверзниот претседател цели 15 години владееше со Палермо, а во тој период отпушти голем број на тренери. Во фудбалскиот свет влезе во 1987 година кога го купи италијанскиот второлигаш Венеција, а неколку сезони подоца обезбеди пласман во Серија А. Истиот клуб го продаде во 2002 година и веднаш го купи Палермо со кого обезбеди пласман во елитното друштво. Сепак, Ѕампарини и денес е најомразената личност во Венеција затоа што со себе зема дури 15 фудбалери кои беа дел од првиот тим.
Поради судир на интереси доби суспензија од една година, но по поднесената жалба, казната му беше намалена на пет месеци.
Не им веруваше на странските тренери затоа што мислеше дека истите ги малтретираат италијанските фудбалери. Поради своето контроверзно однесување, Ѕампа беше познат и како јадач на тренери. Во изминатите 15 години, дури 44 тренери седнаа на жешкото столче, а во една сезона има променето дури четри тренери. Да се надеваме дека репрезентативците на Македонија, Александар Трајковски и Илија Несторовски ќе имаат повеќе среќа со новите сопственици на Палермо.