Фудбал
Ванда откри зошто Икарди нема да остане во Интер
Прашање е само на време кога Мауро Икарди ќе си замине од редовите на италијанскиот калчо гигант Интер. Ваквата информација беше пренесена од аргентинската телевизија ТиЦ Спорт, која доби поконкретни детали од сопругата која истовремено е и агент на капитенот на “нероазурите”, Ванда Нара.

Атрактивната блондинка потврди дека Икарди нема да го продолжи договорот со Интер, кој има важност до 2021 година. Дека ситуацијата е повеќе од критична говори и фактот дека Аргентинецот задоцни на првиот официјален тренинг во 2019 година, а образложението дека му побегнал авионот не беше прифатено од челниците на Интер кои експресно го казнија со 100.000 евра.
- Моментално, далеку е опцијата за продолжување на соработката со Интер. Не сме блиску до некакво прифатливо решение. Не се точни паричните суми кои се коментираат во Италија. Од Интер не сме добиле некоја понуда која може да биде прифатена. Не сакам да кажам дека нема да биде продолжена соработката, но сега-засега, далеку сме од такво нешто. Не е логично да се продолжи соработката за истата парична сума која Мауро моментално ја заработува. Веруваме дека вреди многу повеќе. Има неколку сериозни клубови кои се интересираат за неговите услуги. Тука се најголемите клубови од Шпанија, а со нив имаме одличен однос. Има интерес од еден англиски и еден француски клуб, изјави Ванда Нара.
Аргентинскиот интернационалец сигурно ќе биде барана “роба” за време на зимскиот преоден рок, а како што пишуваат шпанските медиуми, освен Реал (М), во игра за неговиот потпис е и лондонскиот премиерлигаш Челзи, кој веќе му ја понуди “9-та”. Италијанскиот калчо гигант ќе седне на преговарачката маса само доколку официјалната понуда не е помала од 110 мил. евра.