Фудбал
Силекс и Шкендија вечерва во битка за трофејот во Купот на Македонија
Купот на Македонија вечерва ќе го добие новиот освојувач. Финалниот дуел меѓу Силекс и Шкендија носи и интересна симболика – двата клуба по шести пат во својата историја ќе играат за трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување.
Силекс патот до финалето го започна со гостинска победа против Евротип Онлајн во 1/16-финалето. Потоа кратовци го елиминираа Башкими, исто така на гостински терен. Во четвртфиналето беа убедливи против Детонит Плачковица, а во полуфиналето, по два натпревари, беа подобри од Охрид.
Шкендија, пак, стартуваше со победа на гости против Јени Мале, по што на домашен терен го совлада Тиквеш. Најдраматичниот чекор до финалето тетовци го направија во четвртфиналето, кога ја елиминираа Струга по изведување пенали. Во полуфиналето беа сигурни против Шкендија Арачиново.
Во првенствените меѓусебни дуели оваа сезона, Силекс не успеа да ја победи Шкендија. Тетовци славеа двапати, со 2:0 и 2:1, додека последниот натпревар, одигран на почетокот на месецов во Кратово, заврши без победник – 1:1.
Дополнителен адут за Силекс е Дарко Додев, кој со три постигнати гола е најдобар стрелец во досегашниот тек од Купот на Македонија оваа сезона.