Connect with us

Фудбал

Анчелоти ги разреши сите дилеми околу Касемиро: „Плановите на Реал Мадрид не се менуваат“

Реал Мадрид во сабота од 22 часот ќе го одигра вториот натпревар од Ла Лига против Селта Виго, но сите погледи во моментов се вперени во Касемиро.

Карло Анчелоти застана пред новинарите да го најави дуелот со Селта, но тоа отиде во втор план бидејќи сите ги интересираше дали Касемиро ќе го напушти Реал Мадрид и ќе потпише за Манчестер Јунајтед, како што на големо се пишуваше од вчера.

Да потсетиме, сите странски медиуми објавија дека Реал прифатил понуда од 70 милиони евра од Манчестер и дека играчот наскоро ќе стане нов член на „црвените ѓаволи“.

„Зборував со него утрово. Тој сака нов предизвик, сака нова можност. Клубот го разбира поради тоа што го направил и поради личноста што е. Преговорите се во тек, ништо не е официјално, но неговата желба за заминувањето е јасна. Доколку има договор, имаме ресурси да го замениме“, изјави Анчелоти.

Дали го убеди Касемиро да остане?

„Не се обидов да го убедам. Разговарав многу со него, многу сум сигурен во него, многу ни помогна. Слушајќи ја неговата волја и желба, тогаш нема враќање назад. Морате да го земете во предвид и ова. Не знам што ќе се случи во следните неколку часа. Ако не остане, му благодарам многу затоа што заврши одлична работа“.

Кога Дон Карло дознал за заминувањето на Касемиро?

„Понекогаш слушам и читам гласини, но понекогаш не обрнувате внимание на она што се случува. Вчера сфатив дека тоа може да се случи. Плановите на Реал Мадрид не се менуваат: да се бориме и да се натпреваруваме во сите натпреварувања. Сигурен сум дека се ќе оди добро со и без Касемиро, бидејќи сите ја препознаваат важноста на овој играч и љубовта што ја имаме кон него“.

Реакцијата на играчите?

„Фудбалерите го разбираат тоа. Цел Реал Мадрид има голема почит кон него. Кога Касемиро бара да се обиде со нов предизвик, ние мораме да го разбереме, мораме да го прифатиме со најголема почит и љубов. На лично ниво, кога поминувате толку многу време со таква љубезна и професионална личност, не сте среќни што си заминуваат, но почитта преовладува“.

„Ако Касемиро замине, имаме шест играчи од средниот ред. Со Касемиро имавме седум. Мислам дека шест се доволни за цела сезона. Овие шест се многу, многу добри“, вели Италијанецот.

Зошто заминува Касемиро?

„Ова се лични работи. Касемиро многу добро разбра што е Реал Мадрид. Нешто слично ми се случи кога бев тренер на Милан. Ти си многу добар, но доаѓа момент кога сакаш да пробаш нешто ново. И се чувствував многу добро во клуб кој беше како семејство. Тоа е нешто лично и јас го разбирам тоа совршено“, додаде Анчелоти.

Касемиро е, значи, нов играч на Јунајтед и прашање на време е кога и официјално ќе биде потврдено. Клубот ја прифати понудата на Јунајтед, играчот добива огромни 18 милиони евра по сезона и четиригодишен договор, па нема никакви пречки на патот кон Премиер лигата.

„Црвените ѓаволи“ веќе неколку сезони се на пазарот за дефанзивен играч за врска, а Бразилецот ќе биде четвртото засилување на Јунајтед ова лето по Лисандро Мартинез, Кристијан Ериксен и Тајрел Маласија.

Касемиро освои 18 големи трофеи за време на неговиот деветгодишен престој на Бернабеу и забележа повеќе од 300 настапи за шпанскиот тим.