Фудбал
Анчелоти: Не и кажавме „збогум“ на титулата, Родригез е одличен
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти не е обесхрабрен по ремито со Атлетико во градското дерби (1:1), иако неговиот тим сега заостанува седум бода зад лидерот во Ла Лига, Барселона, со натпревар помалку.
Иако имаше повеќе играчи по исклучувањето на Кореја, кралскиот клуб прв прими гол.
„Гризман е одличен изведувач на прекини, а Хименез е извонреден скокач. Може да се случи, но штета е што се случи кога вршевме притисок. Имавме време да израмниме, но не и да победиме“, изјави Анчелоти и додаде:
„Не сме кажале „збогум“ на Ла Лига, факт е дека е потешко отколку пред овој натпревар, но ќе продолжиме да работиме. Купот на кралот сега е најважната титула за нас, но само затоа што е следниот меч“.
Израмнувачкиот гол за Реал го постигна 18-годишниот Алваро Родригез.
„Посебна ноќ за него, за кратко време го покажа сиот свој квалитет. Следната сезона ќе биде целосно приврзан за првиот тим – има ретки квалитети, а висок е и силен. Бензема не е традиционален центарфор, па задоволни сме што го имаме Родригез“.
Во полуфиналето на Купот на кралот, Реал во четврток во првиот натпревар ја пречекува Барселона.
„Нормално е дека сме малку уморни, имавме 17 натпревари за педесет дена. Во недела ќе одмориме, од понеделник ќе почнеме со работа, а во вторник ќе имаме тактички тренинг, што е повеќе од добредојдено“, заклучи тренерот на Реал.