Фудбал
Балотели во 2006-та бил на проба во Барселона, постигнал пет голови, па го испратиле дома!
Марио Балотели пред неколку дена дебитираше за Монца во Серие Б и веднаш постигна гол. Клубот кој е во сопственост на Силвиот Берлускони, а директор е Галијани, некогашни први луѓе на Милан, треба да му послужи на „Супер Марио“ да ја оживее кариерата. Играше за многу големи клубови, Интер, Милан, Манчестер Сити, но карактерот веројатно го спречи да биде помеѓу најдобрите.
Вчера шпанските медиуми пишуваа за Марио Балотели, кои се присетија дека во 2006-та година тој бил на проба во Барселона и неколку дена поминал во познатата школа „Ла Масија“. Информациите дека Балотели бил на проба ги потврди неговиот брат Џовани, но и поранешниот управник на „Ла Масија“, Хозе Рамол Алеханко. Токму тој открил за шпанските медиуми што се случувало во таа 2006-та година.
Имено, Балотели блескал во дресот на италијанскиот третолигаш Луминцане, а потоа одлучил со родителите дека треба да замине во некој голем клуб. Добил повик за проба во Барселона, каде поминал неколку дена,
Но, на еден меч постигнал пет голови и ги воодушевил скаутите на Барса. Меѓутоа, веќе тогаш се видело колку Супер Марио е пргав и темпераментен, иако имал само 16 години. Во Барселона на краот одлучиле да не го задржат бидејќи не сакале во соблекувалната играч кој ќе прави проблеми и ќе внесува немир.
-Беше фантастичен, одигра прекрасно, постигна пет голови и имаше квалитет да го задржиме. Меѓутоа, имаше исто така и специфичен карактер, а во игра тогаш беа и фудбалски менаџери, па сетоа тоа придонесе да се откажеме од него, изјави Алеханко.
Сепак, неговите родители беа бесни и изјавиле дека Балотели не останал во Барселона само поради тоа што не бил Шпанец. Сепак, неколку години подоцна, се воспостави дека челните луѓе на Барса имале право.