Фото
Барселона подготвува спектакл за денешното „Ел класико“ – погледнете како ќе изгледа Камп Ноу
Големото шпанско дерби помеѓу Барселона и Реал Мадрид, популарното „ел класико“ денеска ќе се игра на „Камп Ноу“ во Каталонија со почеток од 16.15 часот, во кое мадриѓаните со актуелниот тренер Хулен Лопетеги ќе имаат шанса да се извадат за очајните месец дена и серијата на порази со лоши игри и да го искористат моментот да го клекнат лутиот ривал, кој е без помошта до првата ѕвезда Лионел Меси.
Ова е прво „ел класико“ по 11 години на кое двете најголеми фудбалски имиња во моментов нема да учествуваат. Кристијано Роналдо летово си замина од Мадрид во Јувентус, а Меси се повреди. Но, нема сомнение дека во Каталонија, „кралскиот клуб“ ќе биде дочекан „на нож“ од сепаратистички настроената публика, која се бореше и за независност на провинцијата.

Тоа што веќе е познато е како ќе изгледа новата кореографија за „ел класико“. Паролата е едноставна – „ние го боиме фудбалот“. Кореографијата е смислена на три трибини, а на источната, спроти центрачната ќе бидат испишани овие зборови. На страничните ќе бидат боите од знамето на Каталонија (црвено-жолто), додека на средина во боите на Барса со испишаната парола ќе дадат посебен шмек на суперпресметката.
Инаку, ова е 238. „ел класико“, а досега Реал Мадрид има 95 победи, додека Барселона се радувала на 92 меча, а 50 завршиле без победник. Инаку, ако се земат и останатите дербија надвор од првенството, сосе пријателските, ова е 272 судир на великаните, а Барселона така е поуспешна со 112 победи, наспроти 99-те на Реал и 60-те ремија.
SPORT1.MK