Connect with us

Ракомет

Вардар посилен за Французинот Фадуил!

РК Вардар го договори ангажманот на францускиот среден бек Матео Фадуил, кој од следната сезона ќе го носи дресот на „црвено-црните“. Фадуил има 23 години, настапува на позицијата среден бек, а во Вардар доаѓа од француски Трембле, клуб во кој игра од 2022 година.

Во целата досегашна кариера Матео во Франција. Во своите помлади години беше дел од системот на Нант, каде се развиваше како еден од интересните млади ракометари, а претходно во кариерата настапувал и за Кретеј и Саран.

Во актуелната сезона Фадуил е дел од Трембле и е еден од најважните играчи на овој клуб. Според официјалната статистика на француската лига, тој има 160 гола од 266 шута, односно 60,15 проценти реализација, со што во моментот е 4. стрелец во целата француска лига.

– Здраво на сите! Навистина сум возбуден што доаѓам во овој историски ракометен клуб. Едвај чекам да се запознаам со сите неверојатни навивачи на Вардар и да му помогнам на тимот да победи на што е можно повеќе натпревари и да освои што е можно повеќе трофеи. Се гледаме наскоро – ајде да направиме арената да грми – напиша Фадуил на социјалните мрежи.

Со ангажманот на Матео Фадуил, Вардар добива ракометар кој веќе има искуство во силна француска конкуренција, играч што може да донесе креативност и дополнителен квалитет во организацијата на играта во сезоната што следува.