Connect with us

Фудбал

Голманот кој нокаутираше противнички играч тврди дека имал моментално помрачување на умот (ВИДЕО)

Естебан Андрада, голман на шпанскиот клуб Реал Сарагоса, изјави дека многу се кае за скандалот што го предизвикал на натпреварот против Уеска.

Аргентинецот беше исклучен откако со тупаница го удри Хорхе Пулидо, капитенот на противничката екипа. Андрада упати јавно извинување, оправдувајќи го својот неспортски потег со „моментално помрачување на умот“ и вети дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори.

Во видео-порака објавена на официјалните профили на социјалните мрежи на Реал Сарагоса, аргентинскиот голман ја презеде одговорноста за својот постапок:

„Многу ми е жал за сè што се случи. Ова не е добра слика ниту за клубот, ниту за навивачите, ниту за професионалец каков што сум. Во текот на целата моја кариера имам само едно исклучување, и тоа поради играње со рака надвор од казнениот простор. Мојата кариера зборува сама за себе. Ова беше една екстремна ситуација, целосно изгубив контрола и реагирав на тој начин. Длабоко се каам и тоа никогаш повеќе нема да се повтори, бидејќи сум јавна личност и професионалец со долгогодишна кариера.“

На Андрада, поради овој физички напад, сега му се заканува исклучително строга суспензија и подолга пауза.

Голманот на Сарагоса ја искористи приликата и директно да му се извини на играчот кого го удри, порачувајќи дека е подготвен да ги прифати санкциите:

„Сакам да му се извинам на Хорхе Пулидо. Ние сме колеги и искрено, тоа беше мој испад во кој целосно го изгубив допирот со реалноста. Тука сум и подготвен сум да ги сносам сите последици што ќе ми ги одреди Ла Лига. Ако сакаат да дојдам и лично да дадам објаснување, ќе одам.“