Connect with us

Фудбал

Белингем танцуваше, Фоден асистираше, другите постигнуваа голови – Англија закажа судир на титаните!

Фудбалската репрезентација на Англија се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, која вечерва ја совлада селекцијата на Сенегал со резултат 3:0.

Англичаните со головите на Хендерсон, Кејн и Сака закажаа пресметка со Франција која претходно денеска ја елиминираше Полска.

Герет Саутгејт вечерва не можеше да смета на Рахим Стерлинг поради лични, семејни причини, па неговото место во стартната постава го зазеде Фил Фоден, додека Хендерсон повторно доби шанса пред Мејсон Маунт.

Сенегалците подобро го отворија натпреварот, а Диа да беше поприсебен на крајот, лесно можеше да му донесе предност на својот тим. Прво ја доби топката во шеснаесетникот, но шутираше директно во Пикфорд, а потоа во 28. минута шутираше кон левата страна, повторно голманот на Англија беше одличен.

Казната дојде во 38. минута по страшниот продор и асистенција на Џуд Белингем, кој го пронајде Хендерсон, кој лесно го совлада Менди од 15 метри за 1:0.

Во судиското надополнување, Англичаните постигнаа втор гол, откако Белингем, кој ја украде топката на својата половина, ја повлече и навремено го проигра Фоден, кој како на чинија, потоа му ја додаде на Кејн за недостижни 2:0.

Англичаните не застанаа ниту во вториот дел. Кејн се обиде со шут во 55. минута од далечина, Менди одбрани, а три минути подоцна повторно капитулираше. Фоден со малку среќа ја украде топката по прекинот и му ја врати на Сака, на кој не му беше тешко да постигне гол за огромни 3:0 .

Веднаш по третиот гол Герет Саутгејт реши да го одмори Фоден а шанса и овојпат добија Сака, Гралиш и Рашфорд.

Сенегалците немаа сили да се вратат во мечот, а освен обидите од далечина, не се заканија сериозно кон голот на Пикфорд.

Натпреварот Англија – Франција е закажан за в сабота од 20:00 часот.