Connect with us

Фудбал

Беше на чекор да ја заврши кариерата, а потоа за само една година се искачи на врвот на Европа, светот, па и Африка (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Сенегал пред три дена стана шампион на Африка со победата на пенали против Египет во финалето на Африканскиот куп на нации.

Голема заслуга за трофејот имаше голманот Едуард Менди, кој прими само два гола на целиот турнир. Сега е на врвот на Европа, Африка и светот, но зад него се крие тешка приказна и трнлив фудбалски пат.

Имено, тој е роден во Франција во имигрантско семејство во мешан брак на мајка од Сенегал и татко од Гвинеја Бисао. Како седумгодишен, Менди почнал да тренира во Авр и станал голман по примерот на Фабијан Бартез.

Години подоцна, тој ја започна својата професионална кариера како голман на Шербур каде што не му беше оставен доволно простор за докажување. Кога во 2014 година му истече договорот со овој клуб, имаше понуди од други клубови, но имаше намера да оди да игра надвор од Франција.

Иако од својот агент доби ветување дека ќе биде така, договор не беше постигнат и Менди беше на прагот да одлучи да стави крај на фудбалската кариера.

По наговор на семејството да му даде уште една шанса на фудбалот, Менди една година тренираше во Ле Авр без ниту една плата, а потоа гледајќи дека Марсеј бара нов голман, стана четврти голман на оваа екипа.

Неговиот подем до фудбалските височини започна во 2016 година кога потпиша за тогашниот француски второлигаш Ремс, со кој влезе во Лига 1 две години подоцна.

Во 2019 година потпиша за Рен и го привлече вниманието кон себе со фантастични игри, кои само една година подоцна му донесоа трансфер во Челзи, кој беше полн погодок.

Сите напори се остварија во последната неполна година.

Имено, во 2021 година со Челзи ја освои Лигата на шампионите и се искачи на покривот на Европа, оваа година почна со наградата на ФИФА за најдобар голман во светот, а сега со Сенегал се искачи на покривот на Африка.