Фудбал
Бразил ја крши својата традиција, сега победува со одбрана
Домаќинот и прв фаворит на Копа Америка, репрезентацијата на Бразил, дури по изведувањето на пенали успеа да го совлада Парагвај, а ова е првпат „кариоките“ во пенал рулет да го победат Парагвај, кој досега двапати ги победуваше на ваков начин.
Она што зачудува е како Бразилците се мачат во нападот, иако во шпицот имаат играчи од врвна класа. Бразил за првпат по 1989 година, во рок од десет дена двапати одигра без голови. Бразил на Копа уште нема примено гол и покажува дека дефанзивата им е посилна страна.
Следен тим кој ќе се обиде да им даде гол ќе биде Аргентина или Венецуела.
Иако одамна нема дадено гол од игра за својата репрезентација на големи натпреварувања, Габриел Жезус го погоди последниот пенал во серијата и му се заблагодари на Клебињо, помошникот на селекторот Тите.
„Утнав пенал против Перу и бев многу лут и вознемирен на себе. Клебињо денеска ми пријде, ме смири, и ми повторуваше дека ќе дадам гол од пенал. Против Перу не го гледав голманот, а сега го гледав, смирено, ладнокрвно, видов дека тргнува на лева страна, и шутнав десно“ – објаснува напаѓачот на Манчестер сити.