Фудбал
Бразил со „петарда“ против Боливија тргна на пат кон Мундијалот
Сао Паоло, 10 октомври 2020 (МИА) – Бразилските фудбалери на маестрален начин ги започнаа квалификациите за Светското првенство во Катар, победувајќи како домаќини убедливо против Боливија од 5: 0.
Квалификациите за Светското првенство што треба да се игра во 2022 година веќе се играат во Јужна Америка, а сето тоа е последица на хаосот предизвикан од пандемијата на коронавирус.
Се навести дека Бразилците ќе остварат убедлив триумф во 16-тата минута кога стоперот на Пари Сен Жермен, Маркињос ја затресе мрежата на Лампе.
Не требаше многу за нов погодок, предноста ја удвои маестро Роберто Фирмино во 30. минута.
Танцуваше на теренот „селесао“, предводен од Нејмар, кој му асистираше на Фирмино во 49-тата минута. Боливија немаше што да бара против далеку посилниот ривал, па Караско ненамерно го совлада сопствениот голман, додека повратникот во Барселона, Филипе Кутињо, се погрижи за „петардата“ во 73-та минута.