Фудбал
Бразилците открија: Нејмар е анонимниот донатор кој издвои 750.000 фунти за борба против „Ковид-19“
Во медиумите во Бразил протече информација дека Нејмар е анонимниот донатор кој издвоил 750.000 фунти за УНИЦЕФ пред неколку дена за борба против коронавирусот.
Нејмар сакаше да остане анонимен во текот на целата оваа приказна, но бразилските медиуми сепак објавија дека тој е донаторот.
Дел од парите ќе одат во УНИЦЕФ, а дел во фонд за солидарност формиран во Бразил од страна на новинарот Лучијано Хак.
Ова не е првпат во светот на фудбалот и спортот воопшто, играчите да донираат пари среде борба против оваа злобна болест. Претходно тоа го правеа Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Новак Ѓоковиќ, Роџер Федерер, Луис Хамилтон и многу други.
Приказната на Нејмар е специфична по тоа што тој не сакаше неговото име да се открие кога станува збор за оваа донација, но на крајот сепак излезе во јавноста.
Инаку, тој во моментов престојува во родниот Бразил затоа што Лига 1 е прекината поради коронавирусот. Како и во другите лиги, така и во францускиот шампионат не е познато кога или дали воопшто ќе се продолжи. Ако заврши оваа сезона, на ПСЖ му преостануваат обврските во Лигата на шампионите бидејќи овој тим стигна до четвртфиналето преку Борусија Дортмунд.