Connect with us

Фудбал

Брука на Јувентус во Израел, Сити без Халанд освои само бод во луда игра

Од 18:45 часот се одиграа два натпревари од 4.коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Во групата Х, Макаби го пречека Јувентус во Хаифа и го совлада со 2:0.

Израелскиот претставник тргна офанзивно на самиот почеток и по пропуштената добра шанса на Пјеро, наградата стигна веќе во шестата минута кога Ацили погоди со глава за 1:0.

Недолго потоа, Макаби имаше уште две шанси во 12. и 13. минута, но Чери и Ацили не беа доволно прецизни. Нова главоболка за Алегри во 24. минута. Ди Марија се повреди и го испрати Милик на терен.

Се играше 29. минута кога Макаби побара пенал поради игра со рака на Бонучи, но раката не го зголеми телото и судијата Лахоз донесе вистинска одлука и не досуди пенал за домашните.

Макаби повторно побара пенал во 41. минута, Лахоз го прегледа видеото на ВАР, не досуди пенал, но веднаш потоа Ацили повторно погоди за ерупција од воодушевување од домашните навивачи.

Првата шанса за Јувентус дури во 45. минута, но Милик беше непрецизен од добра ситуација.

Во вториот дел шанси за Јувентус видовме преку Ругани и Куадрадо, а во 69. минута и гостите побараа пенал, но Лахоз повторно со помош на ВАР оцени дека нема елементи за најстрога казна.

Јувентус напаѓаше до самиот крај, но не можеше да постигне ниту утешен гол, а отпуштањето на Алегри станува се поверојатно.

Ова се први бодови за Макаби во Лигата на шампионите, а три има и Јувентус. ПСЖ и Бенфика имаат по седум, а својот меч го играат во Париз од 21 часот.

Изненадување видовме и во групата Г, каде Копенхаген успеа да му одземе бод на Манчестер Сити на Паркен, а Ерлинг Халанд го преседе целиот меч на клупата. Заврши 0:0.

Првата голема шанса за Сити во седмата минута преку Алварез, а потоа четири минути подоцна истиот играч му асистира на Родриго, кој постигнува еврогол. Сепак, ВАР го поништи поради игра со рака.

Копенхаген можеше да поведе во 19. минута кога Едерсон сопре добар удар на Лерагер. Четири минути подоцна, Боилсен играше со рака во неговиот шеснаесетник и беше досуден пенал за гостите.

Махрез ја презеде одговорноста и промаши, односно Грабара го одбрани неговиот удар. Се играше 30. минута кога Сити остана со играч помалку кога Гомез доби црвен картон.

Во вториот дел може да се издвојат два добри обиди на Де Брујн и еден на Кансело, но немаше промена во резултатот и остана 0:0.

Сити е прв во групата со 10 бода, втора е Борусија со шест, Копенхаген има два, а Севиља еден. Борусија и Севиља имаат натпревар помалку кој ќе го одиграат вечерва од 21:00 часот.