Connect with us

Фудбал

Чави по испаѓањето на Барса од Лигата на шампионите: Ќе го поминевме ПСЖ ако судијата не го измислеше црвениот картон

Барселона синоќа беше поразена од ПСЖ во реваншот од четврт-финалето на Лигата на шампионите со 4:1 и беше елиминирана од натпреварувањето со вкупни 6:4. Во првиот меч Барса победи со 3:2, а за возврат поведе во 12. минута со голот на Рафиња и се чинеше дека рутински ќе се пласира во полуфиналето. Сепак, во 29. минута, напаѓачот на ПСЖ, Бредли Баркола сам тргна кон Марк-Андре Тер Штеген, а Роналд Араухо го собори одзади и судијата Иштван Ковач му покажа директен црвен картон.

Од тој момент работите тргнаа во надолна линија за Барса, која прими четири гола до крајот на натпреварот (Дембеле 40′, Витиња 54′, Мбапе пен. 61′, 89′) и испадна од Лигата на шампионите.

По натпреварот тренерот Чави го најде виновникот за испаѓањето кај судијата Ковач.

“Црвениот картон го реши овој натпревар. Судијата беше исклучително лош, не требаше да го исклучи Араухо. Нормално не зборувам за судии, но овој пат морам. Срамота е што работиме напорно, а потоа судијата ни ја уништи цела сезона.  Ако судијата не измислешецрвен картон, ќе го исфрлевме ПСЖ бидејќи бевме подобри 11 на 11“, изјави Чави, кој и самиот доби црвен картон во 56. минута.

По еден прекршок во центарот за ПСЖ, Чави почна да вреска на теренот и токму пред четвртиот судија ја шутна рекламата од Лигата на шампионите, а главниот судија Ковач веднаш го отстрани од теренот и го испрати на трибините. „Тоа беше моја вина, оправдано бев исклучен“, изјави Чави за ситуацијата.