Други спортови
Чудна приказна од Словенија: Мина низ пекол, а сега стана првата жена која славеше на машка патека
Во соседството повторно имаме една чудна приказна од алпското скијање, каде во главна улога овој пат е секогаш насмеаната Илка Штухец. Оваа Словенка имаше одлична 2016/17 сезона кога беше втора во вкупниот поредок од Светскиот куп, најдобра во спуст и комбинација, а таа година триумфираше на дури седум трки, притоа додавајќи го насловот на светска шампионка во најбрзата дисциплина.

Но, на крајот од октомври, симпатичната скијачка ги истегна лигаментите во левото колено, па поради тешката повреда мораше да пропушти поголем дел од големите настани, меѓу кои и Олимписките игри во Пјонгчанг (февруари 2018), како и цела сезона во Светскиот куп во која требаше да биде една од фаворитките за Големиот кристален глобус.
Нејзината рехабилитација била навистина тешка, која траеше 20 месеци, па дури многумина помислија дека никогаш нема да се врати на снежните патеки. Но, таа го преживеа пеколот и пред неколку дена докажа дека навистина е посебна. На спустот во Вал Гардена, Словенката ја мина целта со најдобро време и така ја запиша осмата победа во кариерата, прва после 15 март 2017 година (Аспен, САД).
- Не знам што да кажам, навистина немам зборови. Пресреќна сум, патот кон враќање на патеката беше навистина долг. И понатаму има место за напредок, но овој пат беше доволно за победа. Во Вал Гардена се чувствувам добро и на крајот дојдов до посакуваниот резултат. Но тоа не е крај, морам да продолжам да тренирам за следните предизвици, откри низ солзи Штухец.
Инаку, Словенката испиша историја во Вал Гардена. Имено, трката трбаше прво да се одржи во францускиот Вал Дизер, но поради лоши временски услови беше префрлена на италијанското скијалиште на кое се натпреваруваат само мажите. Сега Вал Гардена има победничка и во женска конкуренција.
- Името на словенечката шампионка засекогаш ќе остане запаметено во историјата на Вал Гардена , како прва жена која славеше на оваа легендарна патека на италијанските Алпи, извести организаторот.
Но, тоа не е се. За само два дена Словенката ја оствари и втората победа во италијанскиот скијачки центар Вал Гардена. Штухец славеше и во супервелеслалом со пет стотинки предност во однос на Тина Верадер (Лихтенштајн) и Никол Шмидхофер (Австрија), кои го поделија второто место. За Штухец, која поради повреда ја пропушти целата сезона минатата година, ова беше деветта победа во кариерата и трета во супервелеслалом.
Американката Михаела Шифрин, која на првата од двете трки во оваа дисциплина сезонава, одлучи да го пропушти натпреварувањето во Вал Гардена, но и покрај тоа го задржа водството го генералниот пласман со 689 бода, втора е Шмидофер со 359, додека трета е Рангхилд Мовинкел со 322 бода.