Connect with us

Фудбал

Дали Де Јонг намерно ги провоцира челниците на Барселона со лајк на Инстагра?

Френки де Јонг се уште не ја напушти Барселона, иако цело лето беше поврзуван со Манчестер Јунајтед.

И на крајот од минатата сезона се шпекулираше дека Де Јонг сигурно ќе го напушти каталонскиот клуб и кариерата ќе ја продолжи во Манчестер Јунајтед, но трансферот се уште не е реализиран.

Барселона и Јунајтед дури и договорија трансфер пред неколку недели, но сето тоа пропадна откако Де Јонг одби да го напушти „Камп Ноу“.

Сепак, шпанските медиуми пренесуваат дека Де Јонг се уште не е сигурен во каталонскиот клуб и дека Барселона се уште сака да го продаде бидејќи преговорите за намалување на платата на Холанѓанецот пропаднале.

Барселона мора да продаде првотимец за да го ангажира Жил Кунде, а Де Јонг се чини дека е логичен избор откако одби да ја намали платата и со тоа да создаде дополнителен проблем за клубот.

Шпекулациите за заминувањето на Де Јонг повторно се разгореа по неговите активности на социјалните мрежи.

Имено, играчот од средниот ред на Барселона се најде во центарот на вниманието откако вчера на Инстаграм лајкна објава поврзана со доаѓањето на Касемиро во Манчестер Јунајтед.

Секако, овој лајк на Де Јонг не остана незабележан и денеска е главна тема на спортската јавност во Шпанија и Англија. Дали Де Јонг најави дека се уште сака да замине во Јунајтед или само намерно ги испровоцира челниците на Барселона, останува да видиме.

Де Јонг претходно изјави дека негова единствена цел е да остане во Барселона, но го предизвика гневот на навивачите со одбивањето да направи намалување на платата, што многу би им помогнало на Каталонците.

Холанѓанецот е стартер во тимот на Чави Ернандез на почетокот на сезоната, но до крајот на преодниот рок не е невозможно на крајот да ја напушти Барселона. Дали овој лајк го најави тоа ќе дознаеме многу брзо.