Фудбал
Дали Хрватите можат да го запрат Меси?
Хрватска против Аргентина, трет пат на СП, но убедливо најважен натпревар. Влогот е место во финалето.
Дали Хрватска вторпат по ред ќе се пласира во финалето или Аргентина ќе го задржи максималниот учинок во полуфиналните мечеви и по шести пат ќе обезбеди настап во финалето?
Има ли Хрватска играч кој може да го запре Лео Меси и дали Лука Модриќ е способен уште еднаш на свој начин да ја насочи играта на „огнот“?
Ова се дел од клучните прашања во најавата за дуелот меѓу Хрватска и Аргентина, две селекции кои покрај компактноста и добрата организација покажаа и исклучителна психолошка стабилност во досегашниот тек на турнирот.
Сè зрачи со оптимизам во хрватскиот табор. Елиминацијата на Бразил дополнително ја зголеми самодовербата. Селекторот Далиќ ги има на располагање сите играчи. Единствено отворено прашање е кој ќе биде шпицот. На крајот, на тимот му недостасува конкретност и брзина. Нема да биде изненадување напаѓачот на Динамо, Мислав Оршиќ да стартува за прв пат на турнирот. Има две асистенции за 36 минути игра на Светското првенство.
Според веќе проверениот рецепт од Русија кога Хрватска во групната фаза ја победи Аргентина со 3:0, Брозовиќ треба да биде строг маркер за Меси.
Аргентинците не ги потценуваат Хрватите. Тренерот Скалони размислува за три различни формации кои би можел да ги испрати на теренот. Најреално е да се види Аргентина во систем 3-5-2.
Проблем се повредите на Папо Гомеш, Де Поло и Ди Марија. Поради суспензија мечот сигурно ќе го пропуштат Маркос Акуња и Гонзало Монтиел.
„Гаучосите“ се двократни светски шампиони, но последната титула ја освои во 1986 година. Сега го бркаат шестото место во финалето.
Откако стана независна, Хрватска учествуваше на шест од можните седум светски првенства, а во дури 50 отсто од настапите беше меѓу четирите најдобри селекции на планетата.
Од 1991 година, само Бразил, Германија и Холандија играле во полуфиналето повеќе од еднаш.
Хрватска бара да се пласира во второто финале по ред.
Во сите натпреварувања „огнените“ загубија само еднаш во последните 22 натпревари. Формата на Аргентинците е уште поимпресивна. Поразот од Саудиска Арабија на овој шампионат е нивни единствен во претходните 42 натпревари.
Не е занемарлив и податокот дека Јужноамериканците ќе имаат далеку поголема поддршка од трибините, бидејќи се очекуваат неколку десетици илјади нивни навивачи.
Во историјата на натпреварувањето, Хрватска никогаш не била елиминирана по продолженија или пенали, а интересно е и тоа што Аргентина има одличен настап во тој сегмент. Во шест наврати само Германија ги исфрли на пенали во 2006 година.
Натпреварот на стадионот Лусаил започнува во 20 часот. Во второто полуфинале в среда Франција ќе се сретне со Мароко.