Фудбал
Докторот за „биолошката бомба“: „Сите се гушнаа и се бакнуваа – четирипати“
Директорот на болницата во Бергамо, Лука Лорини, се согласува со теоријата на „биолошка бомба“ што „експлодираше“ на натпревар помеѓу Аталанта и Валенсија.
Двата клуба се сретнаа во Милано пред околу 40.000 гледачи, при што градоначалникот на Бергамо претходно истакна дека токму овој натпревар придонел за ширењето на коронавирусот во северна Италија.
Тој посочи дека сите што присуствувале на дуелот биле заразени со новиот вирус, а лекарот Лорини се согласил.
„Сигурен сум дека 40.000 луѓе се прегрнаа и се бакнуваа – четири пати откако Аталанта постигна четири гола во тој натпревар. Тоа го забрза ширењето на инфекцијата на неверојатен начин“, рече д-р Лорини .
Тој додаде дека луѓето што се наоѓале на стадионот не биле свесни за опасноста, односно „немале идеја за што станува збор“.
„Дали беше предвидливо? Не, не знам дали беше предвидливо. Не се сеќавам на датумот на натпреварот Аталанта – Валенсија и не знам дали епидемијата веќе избувна, но луѓето што отидоа на натпреварот немаа поим за што се работи“, истакна Лорини.
Кратко време по овој натпревар од осмина финалето, шпанскиот клуб потврди дека се заразени 35% од персоналот на клубот, вклучувајќи ги и фудбалерите Елаким Мангала, Жозе Гаја и Езекиел Гарај.